РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА

НАЦИОНАЛНА КЛАСИФИКАЦИЈА НА ЗАНИМАЊАТА

СКОПЈЕ, 2011

Националната класификација на занимањата е подготвена и усогласена според начелата на Меѓународната класификација на занимањата ISCO-08.
Намената на Националната класификација на занимањата е за сите корисници во Република Македонија и употреблива од страна на министерствата, институциите и деловните субјекти кои прикажуваат и следат меѓународно споредливи податоци од областа на пазарот на трудот.

I. ОСНОВНИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА НАЦИОНАЛНАТА КЛАСИФИКАЦИЈА НА ЗАНИМАЊАТА

Што е национална класификација на занимањата?
Националната класификација на занимањата е национален стандард кој се употребува при евидентирање, прибирање, обработка, анализирање и публикување на податоци кои се важни за следење на промените на пазарот на трудот во Република Македонија.

Што е занимање?
Под поимот занимање се подразбира збир на работи и работни задачи кои според својата содржина и вид се организационо и технолошки толку сродни и меѓусебно поврзани што може да ги врши еден извршител кој има соодветни способности, знаења и вештини за вршење на работните задачи.

СТРУКТУРА НА НАЦИОНАЛНАТА КЛАСИФИКАЦИЈА НА ЗАНИМАЊАТА

Структурата на националната класификација на занимањата е направена според структурата на ISCO-08 (Меѓународна стандардна класификација на занимања), без некои поголеми разлики. Отстапувања се направени таму каде што постојат специфични потреби во Република Македонија.
Националната класификација на занимањата има хиерархиска скалеста структура. Занимањата се двојат во групи на занимања на четири нивоа. Групите на занимања имаат свои конкретни називи и шифри. Највисоко квалификациско ниво се главните групи на занимања, означени со едноцифрена шифра, потоа редоследно доаѓаат подгрупите на занимања, означени со двоцифрени шифри, па споредните групи на занимања, означени со трицифрени шифри, и единечните групи на занимања, означени со четирицифрени шифри. На крај се поединечните занимања, означени со шестоцифрени шифри.
Во класификацијата постојат 10 главни групи на занимања означени со броевите од 0 до 9.
Подгрупите на занимања се второто хиерархиско ниво и се означени со две шифри. Првата бројка од шифрата на занимањето е идентична со шифрата на главната група на која и припаѓа. Критериумот за подгрупите на занимања е приближно со иста сложеност на работите, ист или сличен предмет на работа, алат и друга опрема.
Споредните групи се трето хиерархиско ниво и тие се означени со три шифри. Првите две бројки се шифри на подгрупата. Критериумот за создавање на споредните групи е со иста сложеност на занимањата, сличен материјал, опрема и алати кои се употребуваат. Знаењето потребно за работа во сите занимања е приближно исто.
Единечните групи на занимања се најниската хиерархиска група на занимања. Секоја единечна група содржи по неколку или по неколку десетици занимања, според развиеноста на тоа подрачје на работа. Единечните групи на занимања се означени со четири шифри. Првите три шифри од единечните групи се идентични со шифрите на споредните групи. На тој начин од првите шифри на шифрите на единечните групи на занимања можеме да дознаеме на која група на занимања припаѓа.

ГЛАВНИ ГРУПИ

1. ЧЛЕНОВИ НА ЗАКОНОДАВНИ И ИЗВРШНИ ТЕЛА, ДРЖАВНИ ФУНКЦИОНЕРИ, РАКОВОДНИ ДРЖАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ, ДИПЛОМАТИ И ДИРЕКТОРИ

2. СТРУЧЊАЦИ И НАУЧНИЦИ

3. ТЕХНИЧАРИ И СРОДНИ ЗАНИМАЊА

4. СЛУЖБЕНИЦИ

5. РАБОТНИЦИ ВО УСЛУЖНИ ДЕЈНОСТИ И ПРОДАЖБА

6. СТРУЧНИ РАБОТНИЦИ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО, ШУМАРСТВОТО, РИБАРСТВОТО И ЛОВОТ

7. ЗАНИМАЊА ЗА НЕИНДУСТРИСКИ НАЧИН НА РАБОТА ВО ПРОИЗВОДСТВОТО

8. РАКУВАЧИ И СОСТАВУВАЧИ НА МАШИНИ И ПОСТРОЈКИ

9. ЕЛЕМЕНТАРНИ ЗАНИМАЊА

0. ВОЕНИ ЗАНИМАЊА

ГЛАВНА ГРУПА 2.
СТРУЧЊАЦИ И НАУЧНИЦИ

Стручњаците и научниците го зголемуваат постоечкиот фонд на знаења, применувајќи научни или уметнички концепти и теории, учат за претходно споменатото на системски начин или се образуваат во која било комбинација од овие три активности. Занимањата во оваа главна група бараат квалификации од седми, осми и деветти степен на образование.

ПОДГРУПА 22.
СТРУЧЊАЦИ ОД ОБЛАСТА НА ЗДРАВСТВОТО

Стручњаците во областа на здравството спроведуваат истражувања, унапредуваат и развиваат знаења, теории и оперативни методи за работа или применуваат научно знаење од областа на медицината, стоматологијата, фармацијата, физиотерапијата, офталмологијата, ветерината и другите медицински гранки со цел да се унапреди целокупното здравје на живиот свет. Задачите што ги вршат работниците во оваа подгрупа најчесто вклучуваат: истражување, проширување, примена на знаења добиени со проучување на сите форми на човечкиот и животинскиот свет, вклучувајќи го и истражувањето на одделни органи, ткива, клетки и микроорганизми, како и влијанието од факторите на околината, лековите и другите супстанции врз овие живи форми, проучување на човечките и животинските заболувања, давања соодветни совети за нивно лекување, примена на превентивни, лекувачки и негувателски мерки и заштита на здравјето, изработка на научни трудови и друго. Задачите можат да вклучуваат и надзор на останатите соработници

221. Доктори по медицина
222. Медицински сестри и акушери
223. Стручни лица кои се занимаваат со традиционална медицина
225. Ветеринари
226. Други стручњаци за здравство

СПОРЕДНА ГРУПА 226.
ДРУГИ СТРУЧЊАЦИ ВО ЗДРАВСТВО

Другите стручњаци за здравство обезбедуваат здравствени услуги поврзани со стоматологијата, фармацијата, животната средина, здравјето и хигиената, физикалната терапија, исхраната, слухот и говорот и даваат програми за нивна рехабилитација. Задачите што се вршат најчесто вклучуваат: процена на состојбата на пациентите и нивното здравје; дијагностицирање и лекување на болести и други нарушувања на здравјето на забите и устата; развивање, чување, мешање, тестирање и издавање на лекови и советување за нивната правилна употреба; планирање и спроведување на програми за следење на факторите на животната средина кои потенцијално можат да влијаат на здравјето на луѓето; планирање и спроведување на терапевтски активности поврзани со образование, стручно оспособување или рекреација заради помош на ментално неурамнотежени, болни или физички хендикепирани лица; подготовка и примена на диети и начини на исхрана за општи и терапевтски цели и друго. Задачите можат да вклучуваат и надзор на останатите соработници.
2261. Стоматолози
2262. Фармацевти
2263. Здравствени еколози и стручњаци за хигиена
2264. Физиотерапевти
2265. Диететичари и нутриционисти
2266. Терапевти за аудио и говор
2267. Офталмолози и оптометристи
2269. Стручњаци во здравството, некласифицирани на друго место

ЕДИНЕЧНА ГРУПА 2264
ФИЗИОТЕРАПЕВТИ

Физиотерапевтите лекуваат мускулни и коскени заболувања или делови на циркулаторниот или на нервниот систем со рачни методи и со ултразвучни, загреани, ласерски или слични техники, или применуваат физиотерапија и сродни терапии за олеснување на движењето и болките како дел од лекувањето на физички неспособните, ментално болните или неурамнотежениете. Задачите вклучуваат: а) испитување на мускулите, нервите и рефлексите на болните за да се утврди степенот на проблемот кај пациентот; б) разгледување на рентгенски снимки за да се дијагностицира болката; ц) планирање на третмани и дизајнирање на програми за намалување на физичката болка и зајакнување на мускулатурата, мобилноста на зглобовите и подобрување на рамнотежата; д) спроведување постапки на физикална терапија (хидротерапија, криотерапија, парафинотерапија, масажи, електротерапија); е) спроведување на кинезитераписки постапки во професионалната рехабилитација; ф) рачно масирање, акупунктура и акупресурна масажа во рехабилитацискиот процес; г) примена на балнеотерапија; х) советување на пациентите за постапките кои треба да се преземаат надвор од клиничкото лекување; и) водење на медицинска евиденција за пациентите; ј) одржување на консултации со други стручњаци од областа на физиотерапијата; к) изработка на научни трудови и пишување на извештаи; л) вршење на сродни задачи; м) надзор на други соработници.

Во оваа единечна група спаѓаат следните занимања:
2264.01 Физиотерапевт

ГЛАВНА ГРУПА 3.
ТЕХНИЧАРИ И СРОДНИ ЗАНИМАЊА

Техничарите и сродните занимања вршат претежно технички сродни задачи поврзани со истражување и примена на научни и уметнички концепти и работни методи на владините и деловните регулативи. Занимањата од оваа главна група главно се од четврти, петти и шести стручен степен на образование.
Задачите можат да вклучат и надзор на други соработници.
Техничарите и сродните стручњаци можат да добијат упатства за работа од раководителите и членовите на законодавни и државно-управни органи, директори, како и од научници и сродни стручњаци. Треба да се забележи дека во зависност од специфичните задачи и од степенот на одговорност на нивното извршување, како и од националните образовни и стручни барања, можеби е соодветно некои од занимањата наведени тука да се класифицираат во главната група 2. Стручњаци и научници

ПОДГРУПА 32.
ТЕХНИЧАРИ И АСИСТЕНТИ ВО ЗДРАВСТВОТО

Техничарите во здравството вршат технички работи поврзани со истражувања и практична примена на сознанија, начела и методи во областа на медицината, ветеринарството, стоматологијата, фармацијата и сродните дисциплини. Задачите што ги вршат работниците во оваа подгрупа најчесто вклучуваат: совети за превенција и лекување на коскени и мускулни заболувања. Занимањата од оваа подгрупа може да добиваат упатства од стручњаци во здравството.

СПОРЕДНА ГРУПА 325.
ДРУГИ ПРОФЕСИОНАЛНИ СОРАБОТНИЦИ ВО ЗДРАВСТВОТО

Другите професионални соработници во здравството вршат технички задачи и обезбедуваат услуги во стоматологијата, офталмологијата, јавното здравство, медицински административни извештаи, физиотерапија, итни медицински третмани и други активности за поддршка на човековото здравје. Задачите што се вршат најчесто вклучуваат: давање на физиотерапевтски услуги, масажа и подготовка на амбулантните простории за преглед.

ЕДИНЕЧНА ГРУПА 3255.
ТЕХНИЧАРИ И АСИСТЕНТИ ЗА ФИЗИОТЕРАПИЈА

Техничарите и асистентите за физиотерапија лекуваат мускулни и коскени заболувања или делови на циркулаторниот или на нервниот систем со рачни методи и со ултразвучни, загреани, ласерски или слични техники, или применуваат физиотерапија и сродни терапии како дел од лекувањето на физички неспособните, ментално болните или неурамнотежените. Задачите вклучуваат: а) спроведување постапки на физикална терапија (хидротерапија, криотерапија, парафинотерапија, масажи, електротерапија); б) спроведување на кинезитераписки постапки во професионалната рехабилитација; ц) рачно масирање и акупресурна масажа во рехабилитацискиот процес; д) примена на балнеотерапија; е) вршење на сродни задачи; ф) надзор на други соработници.

Во оваа единечна група спаѓаат следните занимања:
3255.01 Хидротерапевт
3255.02 Масер – медицински
3255.03 Физиотерапевтски техничар
3255.04 Електротерапевт

НАПОМЕНА: Ова е извадок од Националната класификација на занимањата издадена од Државниот завод за статистика на Република Македонија.

Извадокот покрај описот на Националната класификација ги издвојува само деловите кои се однесуваат на занимањето ФИЗИОТЕРАПЕВТ.

Идни настани

No events found